За Регионот

 

Југозападниот плански регион е еден од осумте во рамките на Република Македонија, и во него влегуваат 9-те општини: Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа.

 

Релјефот на Југозападниот плански регион е планински и котлински. Преовладуваат високи планини чија надморска височина преминува и над 2000 м. Во регионот најголема е Охридско-струшката котлина сместена помеѓу планините Јабланица и Галичица,во еден дел исполнета со Охридското Езеро. Регионот е карактеристичен по извонредната застапеност на пештери со оглед на варовничкиот состав на планините. Изобилува со природни, вештачки и глацијални езера, и е еден од најпошумените во Република Македонија.

 

На територијата од 3.340 km ², во 286 населени места, живеат вкупно 222.064 жители, од кои 50,15 насто се мажи. Проценката за 2008 година е дека бројот на жители во Република Македонија е 2.048.619, што значи дека на територијата на Југозападниот плански регион живеат 10,83 насто од вкупнато популација во државата. Меѓутоа, во поглед на разместеноста на населението во рамките на Југозападниот регион карактеристична е големата меѓуопштинска разлика, и разликата по населени места. Во три општини од регионот - Струга, Охрид и Кичево живеат 79,19 насто од вкупното население во регионот. Просечната густина на населението во државата е 81,3 жители, а во Југозападниот плански регион е 66,4 на км ².

 

Вкупниот број на регистрирани деловни субјекти во Југозападниот регион е 11,696 од кои само 6,484 се активни. БДП по глава на жител во регионот е 1,807 €. БДВ на ниво на регионот е 21.033 милиони денари. Најголемо учество во создавањето на БДВ во Југозападниот плански регион имаат индустријата и енергетиката, трговијата, хотелите и рестораните и сообраќајот, финансискиот сектор, земјоделство и рибарство и другите услужни дејности. Учеството на Југозападниот плански регион во создавање на БДВ на ниво на државата изнесува 6,9%, а на Скопскиот плански регион дури 48,5%.

 

Регионот располага со земјоделски површини од 103,373 ха, од кои нешто помалку од 50 проценти се обработливи површини, односно 50,667 ха. Останатиот дел отпаѓа на пасишта. Вкупните земјоделски површини во Македонија се 1,077,235 ха, што значи дека во Југозападниот плански регион се простираат само 9,59% од вкупно обработливите површини на ниво на земјата. Во регионот најмногу се произведува пченица, пченка и компир, а од овошните насади најголеми се приносите на јаболка, сливи, круши и цреши.

 

Значајна гранка во регионот е туризмот со оглед на фактот што од вкупниот број соби на ниво на државата - 26,503, дури 16.400 или 61,87% се на територијата на овој регион. Најголемиот дел од нив се во двата најзначајни туристички центри во државата - Охрид и Струга, кои се простираат на брегот на едно од најстарите езера во Европа, па и светот - Охридското Езеро. Од вкупниот број посетители што на годишно ниво доаѓаат во земјава, дури 46,6 % претстојуваат во населените места во Југозападниот плански регион. Така, просечно, годишно овде се остваруваат околу 1,300,000 ноќевања од домашни и странски гости, што е 65% од вкупно остварените ноќевања на ниво на земјата.

 

Југозападниот плански регион своите перспективи за понатамошен развој ги гледа во унапредување на класичниот туризам и развивање на алтернативните форми, како што се зимскиот, здравствениот, манастирскиот, бањскиот и агро туризмот. Имајќи го во вид фактот дека целиот регион не е загаден, големи потенцијали постојат за производство на органска храна.

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион