За Центарот

 

Центарот за развој на Југозападниот плански регион ги врши стручните работи кои се од особено значење за регионот. Според Законот зa рамномерен регионален развој седиштето е во општината која има најголем број жители, а во конкретниот случај тоа е Струга.

Основната задача на ова стручно тело е да ја изготви Програмата за развој на регионот, во соработка со стручната и научната јавност, како и акционите планови за најзина реализација. Главните активности се одвиваат преку подготовка и имплементација на проекти. Покрај тоа Центарот за развој силно е посветен на јакнењето на меѓуопштинската соработка, а врши промоција на развојните можности на регионот. Особено значајно е да се истакне можноста за соработка со регионалните власти од другите земји, зашто една од основните опредeлби на ЕУ е токму јакнење на регионалниот развој.

Соработува со општините од регионот и им помага во обезбедување стручна и техничка помош при подготовка на нивните програми за развој, како и на здруженијата на граѓани при подготовката на проекти од областа на регионалниот развој.

Работата на Центарот е тесно поврзана со Советот за регионален развој на Југозападниот плански регион, за чии потреби ги врши стручните и административните работи.

Центарот за развој на Југозападниот плански регион го основаа 13-те општини од овој плански регион со одлуки на Советите, донесени во текот на 2008 година. Од први јули 2009 година тимот на Центарот започнува со оперативна работа. Центарот за развој на Југозападниот плански регион има пет вработени: раководител, три проект координатори и администратор.

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион