Презентација на ИПА пред Советот за развој на ЈЗПР

Дозволете на почеток да ви се заблагодарам за вашето присуство на оваа  средба, затоа што со вашето известување вие придонесувате и во промоцијата на европските перспективи, како еден од најважните сегменти на евроинтегративниот процес. Како Национален ИПА координатор, денес на оваа средба со Советот за развој на Југозападниот плански регион, заедно со тимот за распределба на странска помош при Секретаријатот за европски прашања, ќе ги презентираме состојбите, можностите за финансирање на проекти наменети за локалната самоуправа со средствата од европските фондови. Ова го истакна, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на РМ за европски прашања, на денешната средба со градоначалниците од ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион одржана во Струга.

 

Неколку пати имам повторено, рече Османи, дека приближувањето до Европската Унија, не значи само спроведување на реформите, откажувања и создавање компромиси, туку дека приближувањето кон Европската Унија значи и приближување кон европските вредности, европските правила, но и стандарди. Овој условно втор сегмент е оној поважниот за граѓаните, затоа што приближувањето до европските правила и стандарди значи слободна трговија, економски просперитет, инвестиции во инфраструктура, инвестиции во отворање нови работни места, поквалитетно образование, или севкупно, приближувањето до Европската Унија значи поквалитетен живот за граѓаните и приближување на нашиот стандард со оној на земјите членки на Унијата.

 

За исполнување на овие европските перспективи, потребно е да оствариме активна соработка меѓу  централната власт и општините, нагласи Бујар Османи, со цел да можеме заеднички да ги реализираме капиталните инвестиции кои доаѓаат од централниот буџет, но и за да ги унапредиме капацитетите за зголемена апсорпција на средствата од ИПА и другите фондови на билатерална помош за Македонија. Имено, преку ИПА инструментот, приближно 600 милиони евра, неповратни средства од земјите на Европската Унија, ѝ се ставени на располагање на Република Македонија за период од седум години. На тоа треба да се додадат и другите ЕУ фондови и средствата од билатералните донатори, со кои дополнително се отвораат можности за финансиски средства за во вид на помош за Република Македонија, и тука општините треба да се вклучат со проекти за нивна апсорпција.

 

Во прилог на ова е и потребата општините, најдобро што можат, да се подготват за искористување на големите европски фондови - да подготвуваат и да аплицираат со сериозни и комплетни проекти од стратешки интерес.

 

Една од најважните програми за добивање неповратна странска помош е можноста за учество во програмата за прекугранична соработка. Овие општини, од Југозападниот плански регион, во соработка со пограничните региони од Република Албанија и Република Грција имаат можност за развој на заеднички проекти, и со тоа, директно да придонесат во подобрување на благосостојбата на граѓаните од двете страни на границата.

 

Покрај прекуграничната соработка, постои и можност  за учество на општините со предлози за  реализација на крупни инфраструктурни проекти на нивната тероторија, кои покрај директната економска придобивка во смисла на ангажман на локалните компании и вработување, значи и создавање на услови и потенцијал за унапредување на локалниот економски развој.

 

Секако, тука е и можност за општините да обезбедат учество и реализација на активности кои претставуваат директна помош за развој на човечки ресурси како поддршка при самовработување, спроведување на активни мерки за вработување, како и поддршка на ранливите групи за поголема социјална вклученост на локално ниво, рече на крајот на своето обраќање пред градоначалниците од ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, Бујар Османи, заменик претседател во Владата на РМ заедожен за европски прашања.

 

На средбата, стручните служби од Секторот за европски прашања извршија презентација на можностите за финансирање од страна на ЕУ, а за кои како апликатни можат да се појават општините од Регионот.

 

 

Osmani_1.jpg Osmani_4
Osmani_2 Osmani_3

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион