Регионот ќе добие јавни тоалети

Најдоцна до средината на декември Охрид, Вевчани и Центар Жупа, како дел од најпосетуваните туристички дестинации во Југозападниот плански регион, ќе добијат јавни тоалети, што ќе бидат поставени на најфреквентните локации во овие општини.  Економскиот оператор што ја доби тендерската постапка за изработка на санитарните контејнери- Тане 2007 ДООЕЛ Охрид, воведен е во работа, при што, со надлежните од општините  извршен е увид на локациите, и во следниов период се очекува, од општините, да се обезбедат неопходните приклучоци за електрична инсталација, довод на вода и одвод до канализационата мрежа.

 

Од Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, кој е носител на проектот, нагласуваат дека со градоначалниците на споменатите три општини  се утврдени сите детаљи и дека нема да има посериозни проблеми во реализацијата на проектот. Така, во Охрид, во непосредна близина на ТЦ "Амам" ќе биде поставен контејнер со три модули на современи тоалети, а кај паркингот кај Горна Порта со два модули. Во Вевчани е договорено  да бидат во неспоредна близина на најпосетуваниот локалитет  на Вевчанските извори, а во Центар Жупа во  центарот на општината

 

Во следниот  период се очекува да бидат разрешени дилемите за начинот на функционирање на јавните тоалети, односно поконкретно системот на наплата, како и стопанисувањето со јавните тоалети, имајќи го во предвид несовесниот однос кон јавните добра.



Четирите санитарни контејнери се во вредност од околу 2 милиони денари, средства што се обезбедени преку Програмите за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, за проект што го имплементира Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион за 2017 година. Од Центарот, подвлекуваат,  дека доколку има интерес од општините, може да бидат обезбедени дополнителни јавни тоалети, што ќе придонесе да се надмине овој сериозен проблем на туристичките центри во регионот.

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион