Реконструкција на детската градинка „Развигорче“

Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, деновиве, ја заврши реконструкцијата  на детската градинка Развигорче во Охрид со што значително се подобрени условите за престој на најмладите, како и за работа на персоналот во установата.

 

Вложени се скоро 2,4 милиони денари за изведба на термофасада, заменети се старите врати и прозори со современа  ПВЦ столарија, а извршени се интервенции и во санитарните јазли и тоалетите, трпезаријата и ходниците со поставување на нови керамички плочки, како и други помали зафати во внатрешноста на објектот. Со околу 600 илјади денари, што ги обезбеди Општина Охрид и Јавната установа Јасна Ристеска, паралелно, се направени зафати за замена на канализационата инсталација.

 

Од Центарот за развој, нагласуваат дека покрај подобрените услови, со реконструкцијата значајни ефекти ќе се постигнат и во заштедата на енергенсите за затоплување, намалувањето на финансиските средства што ќе треба да се издвојуваат за оваа намена, а ќе се придонесе и во  општото намалување на загадувањето на атмосферата и во емитувањето на стакленичките гасови.

 

Оваа година во подобрувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти во седум од деветте општини, што му припаѓаат на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, се вложени скоро 16 милиони денари, преку проекти што ги реализира Центарот за развој од регионот, низ партнерски однос со единиците на локалната самоуправа. Зафати се вршат во Струга, Кичево, Вевчани, Центар Жупа и Дебрца, и наскоро се очекува сите објекти да бидат ставени во функција.

 

Последниве неколку години, поради интересот на општините, значајни средства се инвестирани во подигнувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти. Како што нагласуваат од Центарот за развој за оваа намена се издвоени над 30-тина милиони денари од Програмите за рамномерен регионален развој преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

 

cerdhe oher 2017 - 1 cerdhe oher 2017 - 2
cerdhe oher 2017 - 3 cerdhe oher 2017 - 4

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион