Договор за финансиска поддршка на Бизнис центрите за 2016 година

Министерството за локална самоуправа и Бизнис центрите од осумте плански региони, на 27 мај о.г. , во Скопје,  потпишаа договор за финансиска поддршка на Бизнис центрите за 2016 година со кој се предвидува Министерството да одвои 3,2 милиони денари за нивно финансирање, односно по 400 илјади денари за секој поединечно.

- Идејата на МЛС за проширување на дејноста на Центрите за развој и нивно приближување до бизнис заедницата резултираше со воспоставувањето на бизнис центрите во осумте плански региони во 2014 година. Тие обезбедуваат информации за постоечките индустриски зони во регионот и нивните карактеристики и поволностите што ги нудат,  база на податоци за регионалните институции и фирми кои нудат услуги за развој на приватниот сектор, електронска база на податоци за регионалните гринфилд и браунфилд локации, е-водич за инвеститори со стратешките цели на регионот за развој на одредени сектори, информативни настани со прашања кои влијаат на бизнис секторот, запознавање со националните и ЕУ програмите за поддршка на приватниот сектор и економскиот развој, а произлегуваат од конретните мерки на Владата.

На стартот проектот беше поддржан од УНДП, а сега ќе продолжи да функционира со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ.

Целта на Владата и МЛС е, во соработка со локалните власти и бизнис заедницата, да се зголеми конкурентноста на општините и на планските региони и да се привлечат инвеститори преку олеснување на пристапот до институциите и до услугите, рече Елези и додаде дека во наредниот период поддршката на Бизнис центрите ќе биде фокусирана на подготвка на стратегиите за иновации. Иднината на развојот е во иновацијата, а центрите се тие кои треба да ги искористат потенцијалите на планските региони на најинвентивен начин и да ги отворат вратите за поголеми инвеститори и на тој начин да се овозможи порамномерен регионален развој, нагласи Елези.

Бенџамин Мор од ГИЗ нагласи дека приватниот сектор е двигател на економскиот развој и затоа мора да се води сметка за потребите на бизнис заедницата. Во наредниот период ќе се соочиме со многу предизвици и мораме да изнајдеме начин за поефикасен регионален развој. При тоа треба да имаме во предвид дека приватниот сектор е двигателот на економскиот раст, рече Мор. Тој потенцира дека мора да се најде начин да се премости јазот меѓу бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество и да се прецизира што се мора да се направи за тоа.

Со поддршка на ГИЗ ќе се реализира по една пилот мерка, во доменот на иновациите, во секој од планските региони за што се обезбедени по 9.000 евра.

 

27.05.2016_2 27.05.2016_1

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион