Регионална стратегија за иновации

Центарот за развој на Југозападниот плански регион, со одржувањето на консултативна средба со засегнатите страни од Регионот, започна со изработка на  регионална стратегија за иновации. Документот, што наскоро треба да биде завршен, има за цел да ги стимулира иновациите, претприемништвото и подобрата  искористеност на иновативниот потенцијал на регионите. Ова треба да се постигне преку зајакнување на соработката помеѓу истражувачките центри и бизнис заедницата, притоа фокусирајќи се на развојот на малите и средни претпријатија (МСП секторот).

Регионалните стратегии за иновации се подготвуваат и имплементираат со вклучување на претставниците од приватниот сектор (стопански комори, кластери, бизнис асоцијации), истражувачки и образовни институции, како и граѓанскиот сектор. За изработката е ангажиранагрупа од експерти, предводени од проф.д-р Радмил Поленаковиќ, директор на Бизнис start-up центарот при Машинскиот факултет на  Универзитетот"Свети Кирил и Методиј" - Скопје и претседател на Националниот центар за развој на иновациите и претприeмничко учење.

Зборувајќи пред присутните на првата консултативна средба, проф.Поленаковиќ нагласи дека воведувањето на стратегиите за иновации за прв пат е значаен чекор во процесот на креирање на економија заснована на знаења. Притоа, основната задача на тимот е низ серија од активностида ги дефинира приоритетите за регионални иновации и иновативниот потенцијал на Југозападниот плански регион, имајќи ги во вид донесените документи на национално ниво, како и погодностите што ги има Регионот.

По изработката на регионалната стратегија за иновации, ќе биде распишан повик за имплементација на една пилот мерка која ќе произлезе од овој документ, а за што се обезбедени 9.000 евра од страна на ГИЗ - Германско друштво за меѓународна соработка. Ваквите мерки треба да ги поттикнуваат иновативните решенија со цел де се постигне подинамичен развој на МСП секторот.

Процесот на изработка на стратегиите за иновации, во блиска соработка со Центрите за развој на планските региони и Бизнис центрите, ги организира Министерството за локална самоуправа, заедно со ГИЗ - Германското друштво за меѓународна соработка.

 

Inovacii_CentarRJZPR_1.jpg

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион