Договор со БРР

Струга, 16 мај. Со околу 24 милиони денари од централниот буџет ќе се финансираат два проекти во Југозападниот плански регион за подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во седум општини што му припаѓаат на Регионот, а исто така ќе се подобруваат и услугите во туристичките средини, преку поставување на комунална опрема, односно јавни тоалети во четири општини. Договорите за реализација на проектите во петокот (на 13 мај)  се потпишани со Бирото за регионален развој,  и истите треба да бидат реализирани до крајот на годинава. На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот Владимир Пешевски, кој е претседавач на Советот за рамномерен регионален развој на РМ, министерката за локална самоуправа Ширет Елези, директорот на Бирото за регионален развој Џемаил Елмази и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска- Гугоска.

Во Југозападниот плански регион со средствата ќе се изведуваат инфраструктурни проекти во општините Струга, Охрид, Кичево, Дебрца, Вевчани, Пласница и Центар Жупа. Станува збор за јавни објекти ( четири училишта и три детски градинки) во кои ќе се подобрува енергетскатата ефикасност преку санација на кровови, замена на столарија, изолација на фасади и врадување на системи за греење.  Со вториот проект ќе се подобруваат услугите во туристичките средини, преку поставување на јавни тоалети во Охрид, Струга, Вевчани и Центар Жупа.

Според вицепремиерот Пешевски, потпишувањето на договорите е чекор напред кон рамномерниот регионален развој и подобрување на условите за живот на граѓаните во сите региони во Република Македонија.

- Владата е силно посветена на рамномерниот регионален развој и од година во година средствата кои се инвестираат во Програмата континуирано се зголемуваат. Така годинашните средства во висина од 4 милиони и 250 илјади евра се речиси двојно повисоки од средствата наменети за 2015 година, кои изнесуваа 2 милиони и 160 илјади евра, а се четири пати повисоки од средствата издвоени за оваа програма во 2014 година кои изнесуваа околу милион евра, рече вицепремиерот Пешевски.

Тој истакна дека Владата е посветена на реализација на Стратегијата за рамномерен регионален развој и во таа насока ќе продолжи да го поттикнува рамномерниот регионален развој, континуирано ќе го подигнува стандардот на живеење на граѓаните и на тој начин ќе обезбеди побрз и стабилен економски развој на РМ. Министерката Елези потенцира дека за годинашниот буџет, кој е двојно поголем од претходната година, биле пристигнати 38 предлози, а се прифатени 26 регионални проекти.

133169240-55423.jpg

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион