Уште два нови инфраструктурни проекти

Два значајни инфраструктурни проекти, со вкупна вредност од околу 5 милиони денари, се одобрени од страна на Владата на Македонија,  со кои Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе ја подобрува енергетската ефикасност на јавните објекти, како и поефикасно ќе го решава проблемот со јавниот комунален отпад.

Согласно усвоените регионални проекти, во три основни училишта - ОО "Кочо Рацин"- Охрид, подрачно училиште село Долно Лакочереј, ОО "Дебрца" - подрачно училиште село Оровник - Дебрца и ОО "Неџати Зекирија" во село Коџаџик- Центар Жупа, ќе се извршат интервенции на кровните конструкции со цел да се подобри изолацијата, а во Оровник ќе се извршат потемелни зафати со внатрешна реконструкција на вратите, прозорците, подот и тоалетите. Инвестиционите зафати чинат околу 2,3 милиони денари. Во текот на годинава Центарот за развој слични проектни активности спроведуваше во две училишта во СОУ "Мирко Милески" во Кичево и ООУ "Браќа Миладиновци" во Струга и во детската градинка "Брешиа" во Дебар. Вкупната инвестиција со цел да се подобри енергетската ефикасност на споменатите објекти изнесуваше околу 3,6 милиони денари.

Со другиот проект, во Охрид и Кичево ќе бидат поставени подземни контејнери во централното градско подрачје со што поефикасно ќе се решава проблемот со комуналниот отпад. Станува збор на нови современи методи во складирањето и подигнувањето на отпадот, истакнува раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, што од неодамна се применуваат во земјава. Нашиот Регион, е меѓу првите, во кои се реализираат вакви проекти и тоа  во повеќе општини. Во првата фаза се опфатени Струга и Дебар, а сега и Охрид и Кичево, каде што вкупно се инвестираат 4,3 милиони денари за решавање на проблемот со комуналниот отпад. Позитивни ефекти се очекуваат во текот на туристичката сезона кога посетителите во Охрид и Струга ќе бидат "поштедени" од непријатната реа што се шири од класичните контејнери. Во Охрид во подземните контејнери ќе може да се складираат 9 кубни метри комунален отпад, кој потоа со посебна хидраулика ќе биде подигнат и транспортиран на депонија.

Следната година, согласно определните на Владата на РМ, средствата за регионален развој во националниот буџет се удвоени на 600 милиони денари, од кои на Југозападниот плански регион му припаѓаат нешто помалку од 28 милиони денари. Според зборовите на Лозаноска, тимот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион е во фаза на подготовка на регионални проекти со кои ќе се аплицира кај Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој. Се очекува, со проектите, да биде опфатено решавање на значајни инфраструктурни  проблеми, бидејќи истите се утврдени како приоритетни низ косултациите со релевантните чинители од Регионот, а пред сé општините.

 

2.jpg

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион