ТЕЦ Осломеј може да ги загрева Кичево, Осломеј и Зајас

Општината Кичево греењето на населението и деловните субјекти треба да го бара преку изградба на нова топлана и градска цевоводна мрежа. Ваквото решение чини околу 4,5 милиони евра, додека пак се пристапи кон искористување на топлинската енергија од ТЕЦ Осломеј ќе треба да се издвојат околу 13 милиони евра.

Ова денеска е истакнато на јавната презентација на Физибилити студијата за можностите за загревање на Кичево, Осломеј и Зајас преку искористување на топлинската енергија од ТЕЦ Осломеј.

Стручњаците од Топлификација инженеринг од Скопје, кои работеа на изработката на овој документ, нагласуваат дека трошоците за загревање на населенито и деловните објекти ќе бидат многу пониски доколку се изгради топлана на мазут, а која подоцна, со гасификацијата на Македонија, би се адаптирала да работи на овој природен енергенс. Причините поради кои се отфрла можноста за искористување на ТЕЦ Осломеј за загревање на околните населени места лежат во старосниот век на турбините кои не даваат доволно количество на топлинска енергија, намалениот капацитет на јаглен во ископите и реалната можност овој енергетски капацитет наскоро да биде затворен.

Пред членовите на градскиот совет и други заинтересирани субјекти раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска истакна дека изработената студија е дел од регионалните проекти што се одобрени од страна Министерството за локална самоуправа, а за што се издвоени средства од буџетот на Република Македонија.

Според метеоролошките податоци овој микро-регион има релативно студени зими и според класификацијата влегува во втората климатска зона со средна вредност на најниски температири од минус 18 степени целзиусови. Во Македонија, од поголемите градови, пониски температури имаат само Крушево и Гостивар.

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион