Студиската посета во регионот Долна Нормандија

Во периодот од 8ми до 13ти мај 2012 година раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион беше дел од македонската делегација во рамки на студиската посета во регионот Долна Нормандија (Република Франција). Оваа активност е дел од проектот Децентрализирана соработка помеѓу регионот на Долна Нормандија и Република Македонија оска 5 Туризам.

Целта на студиската посета беше запознавање со политиките на делување за развивање на туризмот во регионот на Долна Нормандија и со клучните чинители / институции во овој домен. Преку размена на искуства помеѓу двете страни и стекнување на нови практики на делување во овој домен, ќе се помогне во развивање на стратешки пристап за развој на туризмот во Југозападниот плански регион на Република Македонија.

Одржани беа повеќе состаноци во регионот Долна Нормандија со претставници од регионалната администрација и со стручни лица од областа на туризмот кои ги презентираа структурите, стратегиите и активностите што се превземаат во насока на развој на оваа за нив битна стопанска гранка.

При ова беа дадени прпораки и примери како може да се развива туризмот во Македонија и поконкретно во Југозападниот плански регион. Регионалната стратегија треба да ги земе предвид потребите, идеите и барањата на секоја од општините во рамки на регионот. Стратегијата треба да биде прогресивна и заснована на реалната состојба, треба да се знае за кои клиенти е наменета денес, по 5 години и по 10 години, и затоа треба да се развива во фази и полека. Исто така од страна на француските партнери беше понудено на веб страната од Проектот за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, да се постават линкови до македонски веб страни кои го промовираат туризмот во Македонија.

На финалниот состанок со партнерите од Долна Нормандија беа дадени насоките за натамошна имплементација на проектните активности. До крајот на 2012 година во Југозападниот плански регион ќе тече подготвителната фаза за изработка на регионална стратегија за развој на туризмот. При ова заедно со сите засегнати страни од регионот ќе се дефинира методологија и ќе се направи анализа на потребите.

На почетокот на идната година ќе се отпочне со изработка на стратегијата и при тоа ќе бидат вклучени и француски експерти. Вредно е да се спомене дека во периодот од 1-4 јули 2012 година, делегација од регионот Долна Нормандија предводена од Претседателот на регионот ќе ја посети Македонија. При таа посета предвидено е Претседателот на регионот Долна Нормандија и Министерот за локална самоуправа на Република Македонија да потпишат нов тригодишен документ со кој ќе се продолжи соработката во рамките на проектот.

 

IMG_1458.JPG

 

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион