Рамиз Мерко е избран за претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко е избран за претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион. На денешната седница на Советот за развој, градоначалниците од 13-те општини што влегуваат во составот на овој регион, едногласно одлучија Мерко и во наредниве две години да биде на чело на Советот, истакнувајќи ги неговите заложби за поефикасна регионална политика во Македонија.

 

Заблагодарувајќи се на довербата, претседателот на Советот за развој, Рамиз Мерко, истакна дека нужно е да доследно да се применуваат законските одредби, особено во делот на средствата што се издвојуваат за регионален развој. Согласно Законот за рамномерен регионален развој, на годишно ниво, проектирано е да се издвојуваат средства во висина од еден насто од БДП за проекти од регионален карактер, истакна Мерко. Но, сега наместо нив да ги менаџираат Советите и Центрите на ниво на плански регион, во голем дел се распределуваат преку линиските министерства, со напомена дека средствата се користат за решавање на проблеми од регионален карактер.

 

Градоначалниците не ги прифаќаат ваквите образложенија од централната власт и бараат доследно почитување на законските решенија. Во спротивно нагласуваат дека нема никаква иднина заложбата за надминување на регионалните диспаритети меѓу Скопскиот и останатите плански региони во Републикава. Според официјалните статистички показатели, 45,5 отсто од БДП се реализира во Скопје и неговата околина. Од останатите плански региони, најмало е учеството на Североисточниот  со 4,5, а најголемо на Пелагонискиот плански регион со 12,5 насто.

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион