Делегација на Долна Нормандија во Центарот за развој на Југозападен плански регион

Струга, 7 јули МИА Регионот на Долна Нормандија од Франција, низ заеднички активности со Центарот за развој на Југозападниот плански регион, ќе ги поттикнуваат селективните видови на туризам со цел да се продолжи туристичката сезона, што е особено значајно за поголем раст на туристичката економија, е истакнато на денешната финална, заедничка, средба со претставниците на регионалните власти и други чинители на туристички организации и асоцијации од оваа француска област, кои во изминативе неколку дена беа гости на Југозападниот плански регион.

По посетата на поголем број туристички места во Регионот, заклучено е дека заедничка соработка може да се оствари на полето на интензивирање на руралниот туризам, зашто тука постојат многу потенцијали, истакна Сандрин Фанже, шеф на секторот за развој на туризмот од Регионот Долна Норманција. Таа нагласи дека македонската страна, исто така, може да ги искористи француските искуства во процесот на професионализација на туристичките работници, како и во опсервацијата на туристичката економија, особено во делот на потребите на клиентите.

Договорено е заеднички да се работи и на промоција на туристичките потенцијали на Југозападниот плански регион , за што, заеднички од француска и македонска страна до крајот на август ќе биде изработен и акциски план. Во неговото моделирање, од македонска страна, ќе биде вклучена и Националната агенција за промоција на туризмот, која според француските искуства, особено треба да биде од голема полза за малите даватели на услуги во областа на туризмот, а кои во Регионот ги има во изобилство, но за жал остануваат непознати за странските посетители.

Според раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, значајно е, низ соработката, да се остварат видливи резултати, што од своја страна позитивно ќе се одрази врз развојот на локалните иницијативи во регионот. Треба да се спомене дека неколку општини од Регионот на Долна Норманција во изминатиов период соработуваат со општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебар во разни домени од општественото живеење.

 

Slika_1.jpg Slika_2

© 2011 - Центар за Развој на Југозападниот плански регион